Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 - Скопје, 20 јануари 2000), е истакнат македонски раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар.
Во Скопје завршил основно и стручно-техничко училиште. Од 1945 година е уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, потоа главен уредник на списанието за деца „Титовче“, на списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, на литературниот весник „Хоризонт“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работи како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“.
Автор е на многуброjни книги за деца, патеписна проза, збирки раскази, романи, поезија и филмски сценарија. Неговиот роман "Селото зад седумте јасени" 1952 е првиот роман објавен на македонски јазик.
Како плодотворен писател, Јаневски ја адаптираше за екран класичната историска драма на Војдан Чернодрински "Македонска крвава свадба" 1967, во режија на Трајче Попов; соработуваше со Панде Ташковски на филмската адаптација на подоцнежниот епски воен роман "Доследни на заветот" пренасловен во "Македонскиот дел од пеколот" во режија на Ватрослав Мимица од Загреб; и ја адаптира сопствената хуманистичка новела "Две Марии" за филмот со наслов "Јазол" во режија на Кирил Ценевски.
Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои се:: Наградата АВНОЈ (1968); Наградата 11 Октомври; потоа на СВП; 13 Ноември, награда на градот Скопје; Рациново признание и Наградата Мирослав Крлежа. Добитник е на две златни арени за сценарио, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и "Македонскиот дел од пеколот" (1974) на филмскиот фестивал во Пула.
Во 1947 година Славко Јаневски, заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле, го формираа во Скопје Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броеше 7 члена. Потоа Јаневски беше и претседател на Друштвото.
Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.
Why are we here?
All text is available under the terms of the GNU Free Documentation License
This page is cache of Wikipedia. History